Кодификацијата на старословенскиот богослужбен и книжевен јазик одразена во македонскиот историскојазичен развој
DOI:
https://doi.org/10.46584/lm.v26i2.798Ključne riječi:
кодификација, старословенски јазик, глаголица, кирилица, македонска јазична редакција, маке- донски народен говорSažetak
Кодификацијата на старословенскиот богослужбен и книжевен јазик проникнала од дијалектниот извор на македонската словенојазична основа од околината на Солун, а врз основа на гласовниот систем на овој народен говор се подготвила фонетски устроена словенска азбука – глаголицата. Од самиот почеток неговата структура била функционално приспособена на општословенската јазична состојба од средината на IX век, а лексичкото јадро било приспособено за трансмисија на верските евангелски пораки со кои словенските народи требало да се христијанизираат. Откако веќе во 867/868 година и папата Адријан II дозволил да се богослужбува на словенски јазик, кодифицираниот старословенски јазик непречено почнал да се применува во богослужбите и во писменоста кај повеќето словенските народи, меѓу кои и кај Македонскиот. Само во останатите јужнословенски средини во Бугарија и во Србија тогаш христијанството не било официјална религија, па следствено и кирилометодиевските сесловенски просветителски процеси немале директен одраз во нивните средини и се развиле подоцна (во Бугарија од почетокот на X век, а во Србија од крајот на XII век). Токму врз изворните словенски цивилизациски вредности што ги афирмирале св. Константин-Кирил и св. Методиј се надоградил континуитетот на македонскиот јазичен и писмен развој, продолжен од делото на најистакнатите Кирилометодиеви ученици и нивни следбеници св. Климент и Наум Охридски, како и од нив формираната Охридска духовна и книжевна школа. Од XI–XII век натаму различните политички и црковни влијанија во секоја од словенските средини наложиле да настапат извесни диференцијации во основата на старословенскиот јазик, пришто во секоја од нив доаѓало до постепено проникнување на народните (дијалектни) говорни карактеристики. Станува збор за заживување на редакцискиот период од историскиот развој на старословенскиот богослужбен и книжевен јазик и на писменоста воопшто, којшто во натамошниот развоен период во науката веќе почнува да се приопштува како црковнословенски јазик. Тогаш се изделила и македонската јазична редакција во однос на бугарската, српската, зетската, хумската, хрватската или руската јазична редакција. Меѓу сочуваното македонско ракописно наследство од XII век наваму се изделуваат тесните карактеристики на охридскиот и на кратовскиот правописен систем. Веќе во периодите на XIV–XV и XVI–XVIII век во македонската јазична и писмена традиција на развој се одразиле реформите на безјусовите правописни системи, навлегувањето на народните јазични елементи поткрепени со просветителските (дамаскинарските) културни процеси, влијанието на јазичните форми од печатените руски црковнословенски книги, но над сѐ и концентрирањето на балканистичкиот јазичен слој во македонскиот словенски јазик, што го прави посебен во однос на другите јужнословенски јазици и исклучител но податлив за истражувања од странаската компаративна лингвистика.